Биографија

Анастас Дудан

Анастас Дудан е роден 1958 година во Охрид .
Професија- машински инжинер.
Работел 10 години како технолог на производи од обоени метали.
Со бакар, сребро, злато, месинг работи од 1986 год.
Член на ДЛУПУМ (друштво на ликовни уметници од применета уметност на Макенодија)

Добитник на две награди:

1996 год. Избор на сувенир на град Охрид, техника посребрен бакар.
1998 год. во КИЦ – Скопје, за работа во бакар.

Групни изложби:

1998 год. КИЦ – Скопје
2002 год. Букурешт – Романија

Самостојни изложби:

1998 год. Охрид, црква Св.Никола Болнички
1998 год. Скопје, КИЦ
1999 год. Охрид, црква Св.Никола Болнички
1999 год. Скопје, КИЦ
Август 2000 год. Охрид
2001 год. Струмица
2002 год. Белград, Зрењанин, Лесковац
06.01.2012 год. Во салон фестивал Охридско Лето

„Металната опсесија“ на охриѓанецот Анастас Дудан

Вештината да се презентира уметничкиот израз на металната подлога во охридскиот културен ареал е стара повеќе од 2600 години. 

Луѓето од „Требенишкиот“ културен круг, уште во шестиот век пред Христовата ера, со особена инветивност создавале дела, кои денес ги возбудуваат консументите на уметничките дејства што зрачат од старите експонати. Охриѓанецот Анастас Дудан со своето „метално“ творештво, реминисцентно ги оживува старите творби, трудејќи се да ја достигне идентичноста на уметничките вредности на старите мајстори. 

Неговата појава како автор на уметнички дела, изразени на метал, не е единствеа во Охрид, но затоа, пак, тој единствено постигнува тематски особини резултати со „обновување“ на исклучителните вредности од македонското средновековно иконописно милје, пренесувајќи ја идентичноста на делата преку ковање и исчукување на металните основи. Завидни резултати Дудан постигнува, особено, пренесувајќи го своето технолошко знаење при обработката на орнаменталните украси, со какви се закитени средновековните икони од познатата Охридска колекција и исто така пресоздавајќи ги илуминаторните уметнички вредности, познати од старомакедонските ракописни творби, со творечка вредност, која новото дело го презентира преку својата креативна душа. 

Со истиот занес, кој подразбира не само творечки порив, туку и особено изнегувано чувство за моделирање, пластичност, минуциозна графичност и неверојатна смисла за композициски распоред на елементарната суштина на делото, Дудан изработува металн драгоцености за разни намени во профаните и сакралните сфери. Украсните метални корици за Евангелијата и секаков друг вид староракописни опремувања му се исклучително омилени предмети за креативна изведба. 

Така, овој Охридски автор, ненаметливо, кротко, но со изразена упорност и настојчивост ќе влезе и третиот милениум, носејќи ги во иднината, во своите инспиративни и творечки пазуви знаењата и вештините, традиционалните теми и опсесии на старите мајстори, не само од охридското занаетско – уметнички круг, туку и од сите создавачи на вакви дела од македонските простори.

Паско Кузман

Во Охрид – духовниот центар на Св.Климент, жариштето на националната култура, последната деценија на вториот и почетокот на третиот милениум се појави уметникот Анастас Дудан, кој високо стои на чело на изработувачите на мали метални реплики од најубавите дела на применетата традиционална, уметничка и кујунџиска обработка на металот.

Создавајќи мали ремек дела, со современа интерпретација, чесно ја исполнува својата определба да ја разоткрие уметноста и технологијата на кованиците од 10-15 век, на Охридската Архиепископија, и стои како духовен наследник на генерациите резбари, кујунџии, зоографи и илуминатори.

Тој во техника исчукување и извлекување, изработува метални посребрени и позлатени апликации за црковни потреби со религиозни теми: фигурални композиции, вотивни апликации, ауреоли, опкови и сегменти од декоративни фрезови со геометриски и флорални мотиви.

Големото богатство, кое со векови се негувало во македонските духовни ризници: старословенските книги, кориците, илуминациите на ракописите, опковите на иконите, античките мозаици, средновековната резба, камените декорации и народните везови, за уметникот Анастас Дудан е творечки предизвик на нештата да им се даде современа и применета форма.

Историчар на уметност, Ѓорѓеска Виолета – Лела Коку

Анастас Дудан веќе неколку години настапува како единствен претставник на применетата уметност во Р.Македонија што се занимава со обработка на метал врз основите на средновековната култура и уметничка ризница на Охрид. Во новиот бран на интерпретација на фрескоживописот, иконописот и градителската уметност на старите уметнички трезори поврзан со обновувањето на христијанските споменици, не беше застапена само ликовната обработка на металот. 

Денес во личноста на машинскиот инжинер Анастас Дудан се обновува една дејност чиј континуитет во религиозната тематика мислевме дека е веќе заборавена. Во тој поглед Анастас Дудан е првиот творец што се придржува кон генерацијата нови зографи и резбари со кои охридскиот регион и во 20 век се појавува како носител и чувар на нашето наследство од духовниот центар на Св.Климент. 

Изненадува фактот дека интересот кон оковите на средновековните икони во сребро, кон металните предмети со литургиска намена и заштитата на кориците на пергаментите кај Анастас Дудан не е формиран во уметничите школи, туку е израз на неговото развиено чуство и интерес кон охридската ризница на метали. Меѓутоа Анастас Дудан е извонреден на металната техника и тоа познавање и вештина го применува на средновековните модели и тематика. А тие модели во оригиналнито вид и изглед можел да ги пронајде само во Охрид, неговиот роден град. Сигурно тој поминал низ фаза на размислување и секојдневна практика додека ги одгатнал сите финеси на старите уметници – творци кој не можел да ги познава и да ги користи нивните искуства непосредно. 

Нас не делат неколку столетија од времето кога настанале охридските окови на големите дела на иконописот низ експонатите на Анастас Дудан во наше време чукање и ковањето на металот докажува обнова, преродба. Ние знаеме дека пред 15 век во Охрид работеле локалните градски ковачници кои создавале дела за црковната богослужба, заштитни страни за пергаментите, дека ковале пари за државните господари и ги украсувале иконите. Анастас Дудан ги открива нивните заборавени патишта и постигнува висока уметност во нивното репродуцирање. Ја совладува иконографијата на празничните композиции од Стариот и Новиот Завет и има широк репертоар и избор на светителски фигури во техника на метал според сфаќањата на византиската уметност. Во неговиот репертоар основно место завземаат фигурите на Св.Климент и Св.Наум и нивните учители Св.Кирил и Св.Методиј. 

Со овој вид на културно творештво Анастас Дудан денес се претставува пред македонската јавност и пред сите почитувачи на нашето културно наследство. Затоа го препорачуваме неговото дело и експонати со желба да го најдат своето место и во современиот амбиент со традиционални белези. 

Веруваме дека во следните години големото значење на можностите на металот и студирањето на старите дела ќе придонесат Анастас Дудан да гради и свои оригинални композиции и технолошки замисли во применетата уметност, бидејќи тој поседува стрпливост и љубопитност за откривање нови патишта во овој домен на ликовната применета продукција. 

Нашите љубители на уметничкото и културното наследство верувам дека ќе бидат изненадени и восхитени со експонатите што ги создава охриѓанецот Анастас Дудан. Тој е првиот весник на обновата на оваа тематика, која остана непозната до денес меѓу мајсторите на накитот. 

Тивок, непретенциозен вљубеник на древните македонски вештини, Анастас Дудан ја разоткрива уметноста и технологијата на ковачниците од 10 и 15 век на Охридската Архиепископија. Затоа му упатуваме честитки со желба за нови средби со неговите дела и со верување дека тие ќе бидат презентирани во Охрид, во Скопје но и во други средини надвор од Р. Македонија на патот на запознавање со културните добра на старата македонска култура и нејзината современа интерпретација.

Академик Проф. д-р Цветан Грозданов